БЛОГ

Како се штити Преспанското Езеро? Редовен мониторинг во Стење, но без ниту една казна за загадување во изминатите 12 месеци

13 септември 2026

РЕСЕН - Каква заштита се спроведува на подрачјето на Преспанското езеро како едно од најважните природни богатства во Македониа и регионот. Ова беше една од темите кои ги истражувавме преку проектот „Дигитална акција за зелена реакција“. Во рамки на проектните активности за институционална транспарентност и следење на животната средина податоци добивме преку официјален одговор од Општина Ресен преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Одговорот открива детален увид во начинот на управување, мониторингот на квалитетот на водите, капиталните проекти и инспекциските надзори за заштита на Преспанското Езеро – кое законски е прогласено за Споменик на природата.

Мониторинг на водата: Што мери Мониторинг станицата во с. Стење?

Како единствен субјект управувач со заштитеното подрачје, Општина Ресен преку својот Сектор за животна средина и Советот носи годишна програма за активности на Мониторинг станицата во село Стење и Инфо-центарот на ПП „Езерани“. Главните анализи се изработуваат со техничка поддршка од методологијата на Хидробиолошкиот завод од Охрид и опфаќаат:

Физичко-хемиски параметри: Температура, боја, pH вредност, спроводливост, транспарентност, речен проток, вкупно растворени и суспендирани материи, како и органско и нутриентно оптоварување (азотни соединенија, вкупен фосфор, ортофосфати) и

Микробиолошки параметри: Присуство на хетеротрофи и клучен санитарен параметар – бактеријата Escherichia coli.

Динамика на испитувањата

Фреквенцијата на земање примероци од езерото варира според годишните времиња: од јануари до мај и од октомври до декември анализата се врши еднаш месечно (на секои 30 дена), додека во летниот период од јуни до септември – кога ризиците од еколошки промени се повисоки – теренските излегувања се удвојуваат на двапати месечно (на секои 15 дена). Испитувањата на речниот слив се изведуваат еднаш месечно, а во случај на абнормални појави, тимовите излегуваат на терен вонредно. Сепак, во одговорот се нагласува дека Мониторинг станицата во с. Стење врши редовни анализи, но не е официјално акредитирана, додека за официјална здравствена безбедност на површинските води надлежен останува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Инфраструктурни зафати: Се градат пречистителни станици во 5 крајбрежни села

Покрај научниот мониторинг, Општина Ресен реализира значајни мерки во делот на комуналната инфраструктура. Во моментов, преку проектот „ЕУ за ПРЕСПА“ (финансиран од Европската Унија, а имплементиран од УНДП), во тек е изградба на локална канализациона мрежа во пет крајбрежни села и шест пречистителни станици околу езерото. Исто така, во заштитата активно се вклучени и научни институции и организации како НУ Хидробиолошки завод - Охрид, ПОНТ, ПМФ Скопје и Македонското еколошко друштво (МЕД).

Ниту една казна за загадување во изминатите 12 месеци

Еден од најинтересните податоци од одговорот сепак се однесува на казнено инспекцискиот надзор. По добиениот одговор од Одделението за инспекциски надзор при Општина Ресен, констатирано е дека во последните 12 месеци не се изречени никакви казни за загадување на Преспанското Езеро.

Како причина за тоа, од општината наведуваат дека во наведениот период не било констатирано никакво загадување – ниту по службена должност од страна на инспекторите, ниту пак преку поднесени поединечни барања или иницијативи од граѓани за вршење вонреден инспекциски надзор на терен.

Новинарската сторија е подготвена во рамките на проектот „Дигитална акција за зелена реакција“.
Сподели на социјалните мрежи

Проект: Дигитална акција за зелена реакција (Digital Action for Green Reaction)