Како се распределуваат општинските пари за екологија? Битола инвестира 3 милиони денари во поставување подземни садови за комунален отпад
10 август 2026

БИТОЛА - Во рамки на институционалното следење на еколошките политики преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во рамките на проектот „Дигитална акција за зелена реакција“ општина Битола ни достави увид во финансиските средства што Општината ги насочува кон животната средина.
Според официјалната информација доставена од Одделението за урбанистичко планирање и заштита на животната средина, во Програмата за заштита на животната средина на Општина Битола за 2026 година не се предвидени посебни буџетски средства наменети исклучиво за чистење на диви депонии.
Активностите за нивно отстранување се реализираат во рамките на редовното работење на јавните претпријатија и преку средства обезбедени во други општински програми.
Сепак, општинскиот буџет содржи значајни инвестиции насочени кон одржливо управување со отпадот и превенција на неговото создавање:
3.000.000 денари се наменети за поставување подземни садови за комунален отпад.
1.500.000 денари се предвидени за субвенционирање на зелени поени преку проектот за поставување вендинг машини во соработка со „Пакомак“.
250.000 денари се одвоени за кофинансирање на Проектот „Општините како двигатели за одржливиот развој – Паметни решенија за регионална соработка и модерно управување со отпадот“.
100.000 денари се инвестираат во кампања за подигање на јавната свест за заштита на животната средина (еколошки конкурси и едукативни активности).
Новинарската сторија е подготвена во рамките на проектот „Дигитална акција за зелена реакција“.
Фотографии: ЈП Комуналец Битола

Сподели на социјалните мрежи