БЛОГ

Борбата со диви депонии во Битола – Чистење има, но отпадот повторно се враќа на истите локации

4 август 2026

БИТОЛА - Дивите депонии се сериозен проблем на територијата на општина Битола, како во градските така и во приградските населби и рурални области. Проблемот е дотолку поголем ако се земе во предвид дека дивите депонии настануваат и по нивното чистење, односно континуирано преземање мерки за нивно решавање.

Во рамки на истражувачките активности и поднесувањето на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер како дел од проектот „Дигитална акција за зелена реакција“, Општина Битола достави официјални податоци за начинот на кој локалната самоуправа се справува со проблемот со дивите депонии.

Според одговорот од Одделението за урбанистичко планирање и заштита на животната средина, Општина Битола презема мерки преку координиран и систематски пристап.

Од таму се наведува дека во соработка со надлежните јавни претпријатија се спроведуваат редовни акциски чистења на терен. Како традиционална и значајна активност се истакнува учеството на Општината во националната еколошка акција „Генералка викенд“, која се спроведува веќе шеста година по ред во партнерство со јавни претпријатија, општествено одговорни компании, волонтери и граѓански организации.

Сепак, од општинската администрација признаваат важен предизвик: и покрај континуираните акциски чистења, на дел од локациите дивите депонии повторно се појавуваат.

Овој рецидив јасно укажува на неопходноста од воспоставување систем на постојан надзор, уредување и ригорозни превентивни мерки со цел трајно да се спречи повторното несовесно одлагање отпад.

Новинарската сторија е подготвена во рамките на проектот „Дигитална акција за зелена реакција“.

Фотографии: ЈП Комуналец Битола
Сподели на социјалните мрежи

Проект: Дигитална акција за зелена реакција (Digital Action for Green Reaction)