Прилеп се бори со дивите депонии – исчистени 14 локации, но некои точки остануваат критични жаришта
29 септември 2026

ПРИЛЕП - Според официјалните податоци од реализацијата на Програмата за управување со отпад за 2026 година што ги добивме од ЈKП „Комуналец“ – Прилеп и општина Прилеп преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, официјалните податоци покажуваат дека во текот на оваа година, од вкупно планираните 27 диви депонии, прилепскиот комунален оператор успеал интервентно да исчисти 14 локации.
Сепак, состојбата на терен открива постојан предизвик: летниот период носи драстично зголемување на бројот на диви депонии, како и зачестени појави на нивно намерно или неконтролирано палење, што дополнително го загадува воздухот и го загрозува здравјето на граѓаните.
Недостатокот на механизација и неодговорното депонирање ги враќаат депониите
Според извештајот од ЈКП „Комуналец“, дивите депонии во Прилеп главно се состојат од градежен шут и мешан комунален отпад. Депониите се чистат еднаш до два пати годишно, што директно зависи од расположивата механизација на претпријатието и финансиските можности на Општина Прилеп.
Најкритични еколошки жаришта и предизвици идентификувани во извештајот се:
Патот кон Вештачкото Езеро: Локацијата лево од патот е означена како најпроблематична голема дива депонија со масовна акумулација на отпад. Иако беше целосно исчистена во ноември 2025 година, контролата во 2026 година покажа дека на истото место повторно интензивно се трупа нов отпад.
Дабнички Завој: Оценувајќи ја како една од најкритичните точки по должината на патот, од „Комуналец“ истакнуваат дека е потребна дополнителна механизација и транспортни возила за да се справат со големата количина шут.
Заполшки Мост: Покрај континуираното чистење, потребна е интервенција во самото речно корито со специјализирана машина („фурукава“), каква што комуналното претпријатие не поседува.
Позади спортската сала „Македонија“: И покрај тоа што на оваа локација е поставен голем контејнер од 5 кубни метри, граѓаните продолжуваат да одлагаат отпад надвор од него.
Заостанати депонии: Патот за Беровци (кај исклучувањето од регионалниот пат) останува несоодветно третиран и покрај неколкуте барања од локалните жители, додека кај Новите гробишта пред паркингот чистењето е блокирано поради огромни заостанати бетонски блокови.
Позитивни поместувања: Локации кои влегоа во „мирување“
Покрај критичните точки, официјалните податоци носат и позитивни вести за одредени прилепски населби. Повеќе локации каде што постоеле депонии во 2025 година, а беа планирани за чистење во 2026 година, во моментот се наоѓаат во состојба на мирување – односно на нив повеќе не се одлага неконтролирано отпад:
Обиколницата кај „Жито Прилеп“ и надвозникот „Салида“ се означени како релативно стабилизирани локации каде се забележува само повремено депонирање на помали количини отпад.
Локацијата околу Касарната „Мирче Ацев“, која беше исчистена во ноември 2025 година, се одржува под редовна контрола.
Новинарската сторија е подготвена во рамките на проектот „Дигитална акција за зелена реакција“.
Фотографии: ЈКП Комуналец Прилеп


Сподели на социјалните мрежи