БЛОГ

Наместо стари компјутерски делови и батерии несовесни граѓани во контејнерите за е-отпад во Ресен фрлаа сѐ и сешто

25 август 2026

РЕСЕН – Наместо стари компјутерски делови, кабли и батерии – лушпи од зеленчук, пластични кеси и обичен домашен смет. Ниската еколошка свест кај дел од населението ја порази еколошката иницијатива во Ресен, принудувајќи ги надлежните на крајот на јули привремено да ги отстранат специјализираните контејнери за електронски отпад од улиците.

Она што требаше да биде чекор напред кон европските стандарди за селекција на опасен отпад, се претвори во обични диви депонии среде градот. Фотографиите на јавното комунално претпријатие од Ресен јасно сведочат како несовесни граѓани ги преполниле овие садови со секаков вид отпад, целосно игнорирајќи ја нивната намена.

Реагирајќи на ваквата состојба, од ЈКП „Пролетер“ – Ресен донесоа одлука за итно, привремено повлекување на контејнерите.

„Поради несовесно однесување и непостапување согласно намената на контејнерите за електричен отпад, како и непочитување на законските регулативи за селекција од страна на граѓаните на Општина Ресен, ЈКП Пролетер е приморано привремено да ги повлече истите. Ова го правиме за да не се создава лоша слика пред граѓаните кои поминуваат низ нашата општина“, стои во официјалното известување на претпријатието објавено на крајот на јули.

Зошто мешањето на отпадот е опасно?

Проблемот со фрлањето обичен смет во контејнерите за е-отпад не е само од естетска природа. Електричниот и електронскиот отпад спаѓа во категоријата на опасен отпад. Тој содржи тешки метали како олово, жива и кадмиум. Замислата на овие контејнери е е-отпадот да се чува сув и безбеден до неговото преземање од страна на колективните постапувачи за рециклирање.

Кога во истиот сад ќе се истури органски отпад, течности или обично ѓубре, целиот собран електронски материјал се контаминира, а контејнерот се уништува. Дополнително, доколку овој опасен отпад заврши на обична депонија, отровите директно понираат во почвата и подземните води, што е исклучително ризично за еколошки чувствителен регион каков што е Преспанскиот.

„За сите наредни чекори, ЈКП Пролетер навремено ќе го извести населението за новиот начин и локациите за селекција на електричниот отпад“, информираа од претпријатието.

Случајот во Ресен е класичен пример дека поставувањето комунална инфраструктура не е доволно доколку не е придружено со висока еколошка свест.

Новинарската сторија е подготвена во рамките на проектот „Дигитална акција за зелена реакција“.

Фотографии: ЈКП Пролетер Ресен
Сподели на социјалните мрежи

Проект: Дигитална акција за зелена реакција (Digital Action for Green Reaction)