БЛОГ

Над 12.000 домаќинства во Прилеп селектираат отпад „врата до врата“

29 септември 2026

ПРИЛЕП – Во изминатите 15 години Општина Прилеп успеа да вклучи над 12.000 домаќинства во системот за примарна селекција на отпад по моделот „врата до врата“. Сепак, точната количина и процентот на комунален отпад што завршува на рециклирање сè уште не можат прецизно да се утврдат поради децениските проблеми со мерењето на отпадот на национално ниво.

Ова произлегува од официјалните одговори што ЈКП „Комуналец“ – Прилеп ги достави до Здружението „Граѓански Патеки“ како одговор на поднесеното барање за слободен пристап до информации од јавен карактер во рамките на младинскиот истражувачки проект „Дигитална акција за зелена реакција“.

Проширување на мрежата и нови канти за граѓаните

Според податоците од претпријатието, од 2011 до 2025 година се распределени 12.000 корпи за отпадоци, при што зелената канта ја финансираат граѓаните на 24 месечни рати, додека жолтата канта за селекција е бесплатна. Инвестицијата сите години е на ЈКП,, Комуналец’’- Прилеп, вели Лилјана Пурдеска Силјаноска, помошник на директорот за односи со јавноста во ЈКП „Комуналец“.

Трендот на вклучување продолжува и во 2026 година. Преку Проектот за регионално управување со цврст отпад се обезбедени 8.318 нови канти од 120 литри за примарна селекција.

Преку кампањата „Чисто е убаво“, во периодот јуни – август 2026 година, се приклучиле 680 нови домаќинства, на кои им биле испорачани 1.280 канти (по две – жолта и зелена).

Спроведеното истражување на „Пакомак“ од март 2026 година покажало дека дури 49% од анкетираните прилепчани изјавиле дека селектираат амбалажен отпад, што е значително повисок процент во споредба со градови како Битола, Охрид и Струмица, каде што само 2% од анкетираните дале позитивен одговор.

Зошто не може да се пресмета точниот процент на рециклирање?

Од ЈКП „Комуналец“ појаснуваат дека процентот на отпад што оди на рециклирање во моментот е варијабилен и е предмет на постојана евалуација.

„Процент ќе можеме да извадиме по отворањето на фабриката. Сега имаме реален податок само за продадените количини на овластен откупувач, но не и за залихата која е огромна. Генерален проблем во Македонија е што отпадот не се мери континуирано, туку се пресметува некаде по рута и тури, некаде во кубни метри од око, а некаде во тони“, појаснува во одговорот Пурдеска Силјаноска.

Според проценките, Прилеп годишно создава меѓу 28.000 и 31.000 тони отпад, но податоците за вкупните количини низ годините варираат поради неодредената методологија за мерење на ниво на државата.

Проширување на системот за посебни текови на отпад

Иако рекордите од 2017 и 2022 година (кога годишно се собирале до 1.000 тони хартија и 90 тони ПЕТ-амбалажа) се постари параметри, од претпријатието истакнуваат дека системот постојано се надградува.

Од мај 2026 година во употреба е ставено и ново собирно место, каде што граѓаните можат одделно да одлагаат електричен и електронски отпад, текстил, стакло, хартија и пластика, со што се овозможува дополнително селектирање на специфичните текови на отпад.

Новинарската сторија е подготвена во рамките на проектот „Дигитална акција за зелена реакција“.

Фотографиja: ЈП Комуналец Прилеп
Сподели на социјалните мрежи

Проект: Дигитална акција за зелена реакција (Digital Action for Green Reaction)