Прилепскиот модел за селекција на отпад како пример: Четири општини на студиска посета во ЈКП „Комуналец“
19 септември 2026

ПРИЛЕП – Претставници од општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Илинден и Струмица овој месец го посетија ЈКП „Комуналец“ – Прилеп за одблизу да се запознаат со прилепскиот модел на организирање на примарната и секундарната селекција на отпадот.
Студиската посета беше организирана од Центарот за климатски промени во рамките на проектот „WeLEADRural“ (поддржан од ALDA и AFD), со цел добрите практики и искуства од Прилеп да послужат за воспоставување функционални системи за управување со отпадот и во другите средини.
Претставниците го посетија плацот за селекција, собирното место за електронски отпад и текстил, просторот за стакло и фабриката за селекција. За време на средбата, помошникот на директорот за односи со јавноста во ЈКП „Комуналец“, Лилјана Пурдеска Силјаноска, ги презентираше практичните искуства, постигнатите резултати, но и секојдневните предизвици со кои се соочува претпријатието.
Клучни пораки и препораки за успешна селекција
Со цел подетално информирање за целта на студиската посета до прилепски Комуналец испративме прашања за тоа кои клучни пораки и препораки беа споделени со претставниците на другите општини. Од ЈКП „Комуналец“ во одговорот до нас истакнуваат неколку клучни сегменти кои се неопходни за еден систем за селекција на отпад да даде конкретни резултати на терен.
„Потребно е организирано воведување на примарна селекција, односно селектирање уште во домаќинствата. Системот треба да има јасна организација на собирањето, транспортот и понатамошното постапување со селектираниот отпад. Инфраструктурата и опремата се важен предуслов.“-вели Пурдеска Силјаноска.
Таа појаснува дека исто така е мошне важно континуираното информирање и вклучување на граѓаните, бидејќи функционирањето на системот зависи од правилното селектирање и желбата за вклученост, кога веќе не постои систем за задолжителност.
„Потребни се континуирани кампањи, а постои и потреба од инсталирање на комунална инфраструктура, зашто системот не трпи едукација без на граѓанинот да му се овозможат услови каде и како ќе го исфрла, односно селектира отпадот.“-вели таа.
Посочува дека размената на искуства меѓу општините може да помогне побрзо да се воспостават функционални системи за селекција и рециклирање.
Обиколка на теренските капацитети
Учесниците на студиската посета, кои беа пречекани и од градоначалникот Дејан Проданоски, извршија обиколка на клучните локации на претпријатието:
Плацот и фабриката за селекција: Каде што се презентираа процесите на прием, сортирање и подготовка на отпадот за понатамошно рециклирање.
Собирното место и специјализираните простори: Собирниот центар за одделено собирање на електричен и електронски отпад и текстил (пуштен во употреба во мај 2026 година), како и просторот наменет за стаклен амбалажен отпад.
Идни инфраструктурни проекти: На средбата беа презентирани и чекорите за идниот развој, пред сè изработката на техничката документација за изградба на компостара за биоразградлив отпад и плац за рециклирање на градежен отпад.
„Бевме домаќини на претставници од општините Ѓорче Петров, Гази Баба, Илинден и Струмица, кои во рамки на студиската посета на ЈКП „Комуналец“ - Прилеп се запознаа со нашите искуства, практики и резултати во селекцијата и управувањето со отпадот. Прилеп денес е лидер во државата во однос на примарната селекција на отпад, со 49% од граѓаните кои селектираат отпад во своите домаќинства. Тоа е резултат на континуираната работа, вложувањата во инфраструктурата, но пред сè на високата еколошка свест на прилепчани. Продолжуваме со нови инвестиции, полуподземни контејнери, нов собирен центар, компостара и современа фабрика за секундарна селекција на отпад со капацитет од 10 тони на час. Нашата цел е јасна, почист Прилеп, одговорно управување со отпадот и создавање услови за вистинска циркуларна економија.
Горди сме што искуството од нашата општина Прилеп го споделуваме со други општини и што заеднички градиме подобри и поодржливи решенија.“-изјави прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски за време на посетата.
Претставниците од општините заклучија дека ваквата директна размена на искуства овозможува побрзо воспоставување на ефикасни, современи и одржливи системи за заштита на животната средина на локално ниво.
Новинарската сторија е подготвена во рамките на проектот „Дигитална акција за зелена реакција“.
Фотографии: ЈП Комуналец Прилеп

Сподели на социјалните мрежи