35 пожари се регистрирани во Крушевскиот регион во последните три месеци - Шумските пожари во Македонија со години нанесуваат повеќекратна штета
21 септември 2026

КРУШЕВО – На територијата на Општина Крушево во последните три месеци се регистрирани вкупно 35 пожари, информираа општинските власти во официјалниот одговор (бр. 32-951/1) доставен преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Колкава е точната материјална штета предизвикана од овие огнени стихии врз шумскиот фонд во овој регион дополнето ќе се утврдува. „За материјалната штета треба да изврши проценка ЈП Национални Шуми – ПШС Липа Крушево.“- се наведува во дописот потпишан од овластеното лице за пристап до информации во општина Крушево, Васе Ташески.
Какви превентивни, инфраструктурни и оперативни мерки се преземаат за заштита од пожари
Во одговорот од Општина Крушево се истакнува дека локалната самоуправа презема низа превентивни и инфраструктурни чекори со цел заштита од пожари и спречување на нивно ширење и тоа:
Инфраструктура и контрола: Изработка и одржување на противпожарни појаси, планско управување со вегетацијата, како и воведување конкретни контролни мерки и забрани.
Едукација: Спроведување активности за информирање и подигање на јавната свест кај населението.
Покрај превенцијата, општината ги издвојува и мерките за зајакнување на оперативните ресурси на терен, што опфаќа континуирано опремување на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ - Крушево), обезбедување соодветни извори и точки за снабдување со вода, како и меѓуинституционална координација во случаи на криза.
Шумските пожари во Македонија: катастрофа со долгорочни последици
Случаите во Крушево се само дел од пошироката, загрижувачка слика на ниво на целата држава, каде што секоја година со години наназад проголтани од пламените јазици исчезнуваат илјадници хектари квалитетна шума и вегетација. Шумските пожари во Македонија веќе не се спорадични инциденти, туку системска закана што нанесува повеќедимензионални штети.
Со уништувањето на шумите директно се нарушува биодиверзитетот и се уништуваат природните станишта на бројни растителни и животински видови. Покрај тоа, губењето на шумскиот фонд го намалува капацитетот за апсорпција на јаглерод диоксид, што дополнително ги забрзува климатските промени и доведува до локални нарушувања на микроклимата.
Опожарените површини го губат заштитниот растителен слој, со што почвата станува исклучително подложна на ерозија, свлечишта и поплави при пообилни дождови. Дополнително, изгорената почва ја губи својата плодност и способност да задржува влага.
Штетите од шумските пожари се мерат во милиони евра. Ова ги опфаќа загубите на дрвна маса и забавениот економски развој на шумарството, но и огромните финансиски средства што се трошат за гаснење (гориво, опрема, ангажман на летала и човечки ресурси). Обновата на една опожарена шума бара децении грижа и инвестиции.
Покрај сето ова не треба да се запостават и последиците од здравствен аспект и аспектот на безбедност. Големите пожари ослободуваат огромни количини чад, токсични гасови и PM2.5 честички кои го загадуваат воздухот со недели, предизвикувајќи сериозни респираторни проблеми кај населението. Дополнително, огнените стихии директно ги загрозуваат блиските населени места, земјоделските имоти и човечките животи.
Новинарската сторија е подготвена во рамките на проектот „Дигитална акција за зелена реакција“.
Сподели на социјалните мрежи