За три месеци расчистени 323 диви депонии во Охрид
25 септември 2026

ОХРИД – Неодговорното однесување на поединци го нагрдува урбаниот изглед на Охрид. Пред само 3 дена ЈП „Охридски Комуналец“ работеше на расчистување на диви депонии создадени во урбаните средини. Се работеше во „Билјанини Извори“ каде екипите расчистувајќи повеќе мини депонии подигнале 16 кубни метри кабаст и зелен отпад.
„Неодговорното однесување на поединци и загадувањето на урбаните заедници во кои живееме ги уништува заложбите и вложениот труд за чиста и здрава животна средина“, порачаа од јавното претпријатие по овој последен случај.
Но, истиот е само еден во низата еколошки проблеми со кои Охрид се соочуваше во текот на целото лето.
Подигнати 772 кубни метри отпад од 323 диви депонии
Според официјалните податоци што ни ги достави ЈП „Охридски Комуналец“ преку Решение за слободен пристап до информации од јавен карактер (бр. 03-1305/2), во периодот од 1 јуни до 15 септември 2026 година, на територијата на градот и приградските населби биле расчистени дури 323 мини депонии распоредени на 144 различни улици, населби и села.
Од овие локации комуналните екипи подигнале вкупно 772 кубни метри отпад, што опфаќа: 425 m³ кабаст отпад; 193 m³ зелен отпад и 154 m³ градежен шут.
За целосно расчистување и транспортирање на овој смет биле ангажирани трактори кои реализирале дури 193 тури. Од претпријатието посочуваат дека и покрај обемот на отпад, нивниот вкупен обем на работа во летниот период генерално останал ист како и во останатиот дел од годината.
Кои се најкритичните точки во Охрид?
Официјалното мапирање на теренот покажува дека дивите депонии најчесто се повторуваат на истите локации. Како најкритични точки во градот и околината се издвојуваат:
Централните и прометни сообраќајници: „Бул. Туристичка“, „Македонски Просветители“, „Кеј Македонија“, „АСНОМ“, „7-ми Ноември“, „Сирма Војвода“, „Егејска“, „Мирче Ацев“, „Партизанска“ и „Галичица“, потоа населбата „Гоце Делчев“ и селата Велгошти, Коњско и Трпејца.
Позитивен пример: Подигнување кабаст отпад со еден телефонски повик
И покрај лошите практики на одделни граѓани кои создаваат диви депонии, дел од охриѓани ја користат бесплатната и организирана услуга на претпријатието.
Според податоците од „Охридски Комуналец“, во периодот од јуни-септември околу 100 граѓани и домаќинства телефонски се пријавиле и ја искористиле услугата за организирано подигнување на кабаст и зелен отпад директно од нивните домови.
Новинарската сторија е подготвена во рамките на проектот „Дигитална акција за зелена реакција“.
Фотографии: ЈП Охридски Комуналец


Сподели на социјалните мрежи