Во краток период регистрирани 2 случаи на истурено отпадно масло во контејнери во Битола
23 септември 2026

БИТОЛА – Нов случај на несовесно одлагање течен и штетен отпад во садовите за комунален отпад е регистриран на почетокот на месецот во Битола. Се работи за неправилно депонирано отпадно масло за готвење, што предизвикува дополнителна штета врз хигиената и животната средина во градот.
Имено, на 4 септември јавното претпријатие „Комуналец“ од Битола соопшти дека и покрај бројните апели граѓаните да се воздржат од одлагање на течност во садовите за комунален отпад таквата пракса продолжува. Во контејнерите во близина на стаклената зграда во Битола несовесни граѓани истуриле поголема количина употребено масло за готвење, кое најверојатно потекнува од угостителски објект.
Претходно, на крајот на август, регистриран е и уште еден ваков случај. Овој пат на Булеварот „1-ви Мај“, во близина на Дрвениот мост. Иако екипите на ЈП „Комуналец“ го чистеле и дезинфицирале просторот околу контејнерите, во текот на истата ноќ биле истурени поголеми количини на неупотребливо масло за готвење. Ова претставува прекршување на правилата за одлагање на неопасен отпад и за истото се известени надлежните органи, реагираа од битолски Комуналец.
Со цел да истражиме од каде потекнува истуреното масло и какви ресурси се трошат за санација на штетните постапки на загадувачите, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се обративме до ЈП Комуналец Битола.
Од Комуналец потврдија дека оваа година се евидентирани два конкретни случаи на истурање поголема количина отпадно масло. Првиот инцидент бил регистриран на улицата „Булевар 1-ви Мај. На 26.08.2026 година, откако екипите извршиле целосно чистење на просторот околу контејнерите (во близина на дрвениот мост), во текот на ноќта несовесни граѓани повторно депонирале употребено готварско масло.
Вториот случај бил регистриран на улицата „Добривоје Радосављевиќ“ на 04.09.2026 година во близина на т.н. „стаклена зграда“во Битола.
Од претпријатието посочуваат дека поголемата количина на употребено масло за готвење на овие две локации е истурена најверојатно од околните угостителски објекти. Други случаи на вакво загадување со масло за готвење годинава не се евидентирани на територијата на Општина Битола.
Ангажирани работници, цистерна и миење на контејнерите
Ваквите инциденти не значат само нарушување на хигиената, туку и директно трошење на драгоцени јавни ресурси. Работната сила, горивото за специјалната цистерна и потрошеното време за темелно миење на овие локации можеа да бидат искористени за редовно одржување на други јавни површини, чистење на парковите или зафати што директно го подобруваат квалитетот на животот во Битола, наместо за санирање на штетите предизвикани од несовесно однесување.
Неправилното и неовластено одлагање на употребено готварско масло во садовите за комунален отпад во Битола бара ангажман на дополнителни ресурси за санирање на теренот. Така, за чистење и неутрализирање на истурената течност од коловозот и просторот околу садовите била потребна итна интервенција на комуналните служби.
За санирање на двете локации биле ангажирани 3 работници, кои на процесот на чистење потрошиле околу 3 работни часа. Во акцијата било ангажирано специјално комунално возило – цистерна и било извршено дополнително миење на соодветните контејнери.
Од ЈП „Комуналец“ потврдуваат дека ги презеле и сите правни чекори и ги пријавиле овие случаи до надлежните органи. „Двата случаи се пријавени во Комунална инспекција во Општина Битола.“ - информираат од јавното претпријатие.
Исто така појаснуваат дека ваквите случаи претставуваат прекршување на правилата за одлагање на неопасен отпад и се штетни како по хигиената во градот, така и по здравјето на граѓаните. Поради тоа, ЈП „Комуналец“ Битола во повеќе наврати апелира до граѓаните и правните субјекти да се воздржат од одлагање на течност во садовите за комунален отпад.
Новинарската сторија е подготвена во рамките на проектот „Дигитална акција за зелена реакција“.
Фотографии: ЈП Комуналец Битола


Сподели на социјалните мрежи