Неизгаснат пепел и вандализам: 20 контејнери во Битола опожарени за 2 години – штета над 270.000 денари
24 септември 2026

БИТОЛА – Уништувањето на урбаната опрема и садовите за отпад во Битола директно удира по џебот на граѓаните. Според официјалните податоци што ги добивме од ЈП „Комуналец“ – Битола преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во текот на 2025 и 2026 година во градот се опожарени вкупно 20 контејнери за комунален отпад.
Иако на прв поглед ова изгледа само како изолиран комунален проблем, бројките зад него откриваат сериозна финансиска и еколошка штета.
Наместо за нови вложувања 276.000 денари “изгореа“ во оган
Набавката и замената на уништените садови бара сериозни јавни ресурси. Набавната цена на еден пластичен контејнер, како што не информираа од ЈП Комуналец Битола изнесува 13.800 денари. Ова значи дека вкупната материјална штета од опожарените садови во изминатите две години достигнува околу 276.000 денари, велат од ЈП Комуналец Битола во одговор на нашето барање за пристап до информации од јавен карактер.
За илустрација, со овие пари претпријатието или Општината можеа да инвестираат во подобрување на зеленилото во градот, нови парковски клупи или поставување дополнителни контејнери за селекција на пластика и хартија. Наместо тоа, средствата мораа да се искористат за санирање на последиците од несовесното однесување.
Од ЈП „Комуналец“ потврдуваат дека и покрај загубите, сите 20 опожарени контејнери се веќе заменети со нови, со цел да не се создаваат диви депонии на критичните точки и граѓаните да не бидат принудени да фрлаат смет на земја. Во моментот, претпријатието на ниво на цела општина располага со мрежа од околу 2.000 контејнери.
Кои се причините за пожарите?
Според согледувањата на комуналните служби, како главни причини за појавата на оган во садовите за смет се издвојуваат две практики и тоа:
-Фрлање на неизгаснат пепел и жар од домаќинствата што се греат на цврсто гориво и
-Намерно вандализирање и опожарување на јавните садови.
Еден од последните вакви случаи е регистриран на Булеварот „1-ви Мај“ каде во текот на ноќта спроти 7 јуни годинава беа целосно опожарени четири пластични контејнери. Екипите на ЈП „Комуналец“ извршија отстранување на уништените садови и го пријавија случајот во СВР Битола.
Ова, за жал, не е изолиран инцидент. Улицата „Васко Карангелевски“ (во близина на „Декорпод“) во месец декември 2025 година дури во два наврати беше цел на пожари во садовите за смет, а сличен случај на запален контејнер претходно беше регистриран во месец ноември 2024 година во самиот центар на градот, каде поради опасност од проширување на огнот мораше да интервенира и Територијалната противпожарна единица од Битола.
Токсичен чад и еколошки ризик во пресрет на грејната сезона
Опожарувањето на пластичните контејнери не е само материјален проблем – тоа е директна закана за здравјето. При горењето на пластиката (полиетилен и други синтетички материјали) во воздухот се ослободуваат исклучително опасни и токсични хемиски соединенија, како диоксини и фурани. Овие материи директно ги вдишуваат граѓаните кои живеат во околните згради и куќи.
За да не се повторуваат ваквите несакани случаи, во пресрет на новата грејна сезона, кога ризикот од одлагање топол пепел драстично се зголемува, од ЈП „Комуналец“ упатуваат апел до граѓаните:
„ЈП Комуналец повторно апелира граѓаните да се воздржат од фрлање на пепел, запалени отпушоци или слични запалливи материи во садовите за комунален отпад, како и да внимаваат на содржината на отпадот кој го одлагаат.“
Новинарската сторија е подготвена во рамките на проектот „Дигитална акција за зелена реакција“.
Фотографии: ЈП Комуналец Битола


Сподели на социјалните мрежи